Недела, 30 Април 2017

Вид на магија

Монахиња Валентина Друмева

ВИД НА МАГИЈА

Надја многу си ја сакаше постарата сестричка, којашто беше студентка по медицина. Таа се гордееше дека сестра ѝ ќе стане лекар. Но многу ја сожалуваше, бидејќи многу се заморуваше читајќи дебели книги. Особено ја сожалуваше кога требаше да појде на испит. Еднаш испитот на сестрата ѝ ѝ се видел многу тежок. Пред да тргне, таа се обратила кон мајка си:

-          Мамо, денес испитот ми е многу тежок.

-          Ќе стискам палци – одговори мајка ѝ со сочувство.

Таа замина, а Надја почна да се распрашува.

-          Мамо, што е тоа стискање палци? И јас сакам да ѝ помогнам на сестра ми, но не знам како да го направам тоа.

-          Наде, ни јас не го разбирам тоа, но луѓето така прават, па решив и јас. Само е важно да помогне.

-          Многу ми е чудно како тоа ќе помогне. Јас ќе ги стискам палците дома, а сестра ми лесно ќе го помине испитот. Тоа не можам да го разберам.

Баба ѝ го слушаше нивниот разговор и се вмеша:

-          Вие христијанки ли сте или маѓепснички?

-          Зошто? – запраша Надја.

-          Зарем не ви текнува дека со стискањето на палците се верува во некаква сила, којашто дејствува преку палците. Таа сила е демонска. Стискањето палци е еден вид магија. Со тоа вие ѝ наштетувате на сестра ти, затоа што го повикувате ѓаволот.

-          А што да направиме за да помогнеме?

Баба ѝ објасни дека Бог ја создал раката на човекот не за да прави магии, туку за да се прекрстува. Крстот ги изгонува злите сили. Со него се изгонуваат стравот, немирот и вознемиреноста на испитите. Се разбира, крсниот знак е поврзан со молитвичка. Таа уште објасни дека Бог помага, но нема да те стави во кошницата, како што вели народот. Човекот треба да се потруди, а Бог ќе му помогне спокојно да си го покаже своето знаење.

Надја и мајка ѝ ја сфатија заблудата со стискањето на палци. Тие се прекрстија и се помолија.

Попладнето сестрата се врати весела. Таа го поминала испитот со одлична оценка. На почетокот се вознемирила, но потоа откако ги извлекла прашањата, одеднаш во неа настапило големо спокојство.

-          Сестричке, мама прво ги стискаше палците, со што го повика ѓаволот и тој внел немир во твојата душа. Но по советот на баба, ние се прекрстивме и се помоливме за тебе. Тогаш ти си добила спокојство.

Тие повеќе никогаш не постапуваа според оние, коишто ги повикуваат злите сили преку стискање на палци. Разбраа дека тоа е еден вид магија.

 

Share