Недела, 30 Април 2017

Децата не треба да се притискаат и да се принудуваат

ПРЕПОДОБЕН ПОРФИРИЈ КАВСОКАЛИВИСКИ

Децата не треба да се притискаат и да се принудуваат


За децата треба повеќе да се молиме, а помалку да им зборуваме

Сè се успева со молитва, со молчење и со љубов. Ги сфативте ли резултатите од молитвата? Љубов со молитва, љубов во Христа. Таа навистина носи полза. Колку повеќе ќе ги љубите децата со човечка љубов (која најчесто е патолошка), толку повеќе тие ќе бидат збунети и нивното однесување ќе биде негативно. Меѓутоа, кога вашата меѓусебна љубов и љубовта кон вашите деца ќе биде христијанска и света, тогаш нема да имате никаков проблем. Светоста на родителите ги спасува децата. За да се случи тоа, Божјата благодат треба да изврши влијание врз душите на родителите. Никој не се осветува сам. Божјата благодат потоа ќе ги просветли, ќе ги стопли и ќе ги оживотвори душите на децата.

Многупати ми се јавуваат на телефон и од странство за да ме прашаат нешто во врска со нивните деца, како и за други прашања. Денес ми се јави една мајка од Милано и ме праша како да се однесува со своите деца. Јас ѝ го кажав следново:

„Треба да се молиш, а кога ќе треба, ќе им зборуваш на децата со љубов. Повеќе треба да се молиш, а помалку да им зборуваш. Во однос на сите луѓе треба повеќе молитва, а помалку зборување. Да не стануваме напорни, туку тајно да се молиме, па потоа да зборуваме, и Бог ќе ни даде внатрешна потврда дали нашето зборување е приемчиво за другите. Ако, пак, не е, тогаш нема да зборуваме, туку само ќе се молиме тајно. Со зборувањето стануваме напорни, па ги тераме другите да реагираат, а понекогаш и да негодуваат. Затоа е подобро да им се зборува тајно во срцето на другите, преку молитва, отколку во нивното уво“.

„Слушни да ти кажам: прво ќе се помолиш, а потоа ќе зборуваш. Така прави и со твоите деца. Ако постојано им делиш совети, ќе станеш напорна, па кога ќе пораснат ќе чувствуваат еден вид притисок. Значи, претпочитај ја молитвата. Зборувај им со молитвата. Зборувај Му на Бога, а Бог ќе им го каже тоа на децата. Значи, не треба твоите деца да ги советуваш на начин за да слушнат нивните уши. Можеш да го правиш и тоа, но пред сè треба на Бога да Му зборуваш за твоите деца. Кажувај го ова:  Господи Исусе Христе, просветли ми ги дечињата. Јас Тебе Ти ги доверувам. Ти си ми ги дал, а јас сум немоќна, не можам да ги приберам. Затоа, Те молам, просветли ги. И Бог ќе им проговори, па ќе велат: Ух, не требаше да ја натажам мајка ми со тоа што го направив! А овие зборови ќе излегуваат од нивната душа со помош на Божјата благодат“.

 

Ова е совршениот начин: мајката да Му зборува на Бога, а Бог да му зборува на детето. Ако не биде така, тогаш зборувај, зборувај, зборувај, и сè на едно уво ќе влегува, а на друго ќе излегува. На крај тоа ќе стане еден вид притисок. А кога детето ќе порасне, веќе почнува да реагира, односно да се осветува на некој начин кон татко му и мајка му, затоа што му вршеле притисок. Совршениот начин е еден: да зборуваат љубовта во Христа и светоста на мајката и на таткото. Зракот на светоста, а не на човечкиот напор, ги прави децата да бидат добри.

Кога децата се повредени и ранети од некој сериозен проблем, тогаш немојте да се иритирате затоа што тие реагираат и зборуваат неубаво. Реално тие тоа не го сакаат, но не можат да реагираат поинаку во тешките моменти. Потоа се каат поради тоа. Меѓутоа, ако вие се изнервирате и се налутите, тогаш станувате едно со лукавиот, па така тој сите вас ве изигрува.

 

 

Светоста на родителите е најдоброто воспитување во Господа

 

Во личноста на децата да Го гледаме Бога и да им ја дадеме Божјата љубов. Треба и децата да научат да се молат. За да се молат, децата треба да имаат крв од родители што се молат. За ова некои грешат кога велат: „Штом родителите се молат и се благочестиви и го читаат Светото Писмо, тогаш и децата ги воспитале во „науката Господова“ (Еф. 6, 4), па во тој случај и децата ќе бидат добри“. Меѓутоа, факт е дека гледаме спротивни резултати поради вршењето притисок.

Не е доволно родителите да се побожни, туку треба да не им вршат притисок на децата, сакајќи со сила да ги направат добри. Постои можност да ги избркаме децата од Христос доколку принципите на верата ги применуваме егоистички. Децата не сакаат притисок. Не ги принудувајте да одат со вас во црква. Можете вака да кажете: „Кој сака, може сега да дојде со мене или нека дојде подоцна“. Оставете во нивните души да проговори Бог. Притисокот што им го вршат „добрите“ родители на своите деца е причина што тие, кога ќе пораснат стануваат нескротливи и ја напуштаат Црквата и напуштаат сè друго, па прибегнуваат на други страни за да се задоволат. Т.н. „благочестиви“ родители, кои се грижеле своите деца да ги направат „добри христијани“, преку таа човечка љубов всушност им направиле притисок, па резултатот бил спротивен. Значи, додека  децата се мали им се прави притисок, а кога ќе наполнат шеснаесет, седумнаесет или осумнаесет години се случува контраефект. Револтирани, тие почнуваат да се дружат со лоши друштва и да зборуваат недолично.

А ако се развиваат во слобода, гледајќи го истовремено добриот пример на возрасните, тогаш се радуваме кога ги гледаме. Тајната се состои во тоа да бидеш добар, свет, за да бидеш инспиративен и да зрачиш. Врз животот на децата влијае зрачењето на родителите. Ако родителите упорно настојуваат, говорејќи: „Ајде да се исповедаш, ајде да се причестиш, ајде направи го ова или она...“, тогаш ништо не бива. Но детето те гледа тебе и она што ти го живееш и зрачиш наоколу. Дали Христос зрачи во тебе? Ако е така, тогаш тоа преминува кај твоето дете. Во тоа се состои тајната. Ако се постапува така додека  детето е мало, тогаш кога ќе порасне нема да има потреба многу да се мачи. Токму во врска со ова прашање мудриот Соломон употребува една преубава слика, нагласувајќи го значењето што го има добриот почеток, добриот темел. Тој на едно место вели: „Кој ја бара од рано утро, нема да се измачува, зашто ќе ја најде како седи пред неговата врата“ (Мудрост Соломонова 6, 14). „Од рано утро“ значи дека од млада возраст се трудиш да ја имаш мудроста. Мудроста е Христос. Зборот „пред вратата“ значи „се наоѓа блиску“.

Кога родителите се свети и го воспитуваат детето во Господа, тогаш тоа какви лоши влијанија и да има од околината, нема да му влијае, бидејќи пред неговата врата ќе се наоѓа Мудроста – Христос. Нема да се мачи за да ја стекне. Делува дека е многу тешко да станеш добар, но всушност е многу лесно доколку животот се почне со добри духовни доживувања. Потоа во текот на растењето не е потребен напор, затоа што тоа го имаш внатре во себе и тоа е твој живот. Не се мачиш, го имаш тоа доживеано, тоа е твоја сопственост, којашто ја одржуваш во текот на целиот твој живот доколку си внимателен.

 

Share