Четврток, 29 Јуни 2017

Почетокот на Црквата - VI дел

За ниту еден од апостолите немаме толку сведоштва како што имаме за Павле. Неговото обраќање во христијанството, неговите патешествија, проповед, и неговите страдање се подробно опишани во Дела апостолски чиј автор беше сопатник и „возљубен лекар“ на апостолот. Својот духовен опит, својот однос кон големите и малите прашања од животот на Црквата Павле ги изложи во посланија кон различни христијански општини; и тие посланија подоцна влегоа во состав на книгите на Новиот Завет. Целиот лик на тој човек е толку неповторливо светол што „павловото прашање“ засекогаш ќе остане едно од централните прашања на целата христијанска историја, ќе стане источник на вдахновение за сите, „камен на сопнување и соблазна“ за многумина.

Како правоверен евреин, но родум од Тарс во Киликија, односно во расејание, во „емиграција“, св. Павле во својот лик соединува страсна приврзаност кон својот народ и кон неговата религија од една страна со навистина вселенски опфат на мислата од друга страна. Неговото религиозно сознание е вполно определено од јудејството, од старозавената, неугасива „Жед за живиот Бог“, но тој слободно дише и во воздухот на грчко-римскиот свет, Павле е римски граѓанин не само „по документи“, ами и според својот светоглед и според својата совест.

Тој го добил своето религиозно образование во Ерусалим, „при нозете на Гамалил“, водачот и идеологот на фарисејството. Такво воспитание во духот на крајно конзервативно јудејствто не можело а да не направи од него природен непријател на христијанството. Веќе во тоа негово непријателство се покажале значителните црти на неговата личност: апсолутност, максимализам во применување во животот на својот религиозен идеал. Него најнапред го сретнуваме во расказот на Дејанија во кој го одобрува убиството на Стефан. Потоа го гледаме како „ја пустосеше Црквата, одеше по куќите и извлекуваше мажи и жени, па ги предаваше во затвор“.

Не задоволувајќи се со гонењата во Ерусалим, тој измолува во Синедрионот особени полномошности за прогонување на христијаните во Сирија. И тука, на патот кон Дамаск, со него се случува оној прелом за кого тој секогаш ќе вели дека било непосредно избрание и призвание – „не од луѓето и не преку човек“, ами од Самиот Христос. Имено, тука го засијала светлина, тој го слушнал гласот на Христа и се обрати кон Него толку целосно, толку неразделно, како што се чини дека не се обратил никој ниту пред него ниту после него. За преобраќањето на Павле се напишани стотици книги, него се обидувале „да го објаснат“ научно: преку психологија, неврологија, како епилепсија, од која тој страдајќи... Но има нешто плитко и жално во тие обиди. Секое преобраќање е тајна која науката просто не може да ја објасни до крај, дури и преку помош на своите најнапредни инструменти. За нас е важно тоа што секој збор на Павле кој дошол до нас, укажува на таква вкоренетост на целата негова личност, на целото негово сознание во личноста на Христа, на таква навистина лична врска со Него и убеденост во личното откровение на Христа кон него, што Црквата без оглед на неразбирањето и спротивставувањето, кои во големо изобилство ќе ги среќава Павле во својот живот, нема да се вдвоуми да признае во него апостолот, рамен на Дванаесетте, нема да се вдвоуми да го вклучи во бројот на „самовидците“ на чие сведоштво и учење таа е устроена.

Откако се крстел и проповедал три години во Дамаск, Павле пошол во Ерусалим, каде бил примен во општење на Петар и Јаков. Во Ерусалимската црковна општина тој секогаш ќе гледа подревна Црква, средоточие на христијанството и непрестано во своите посланија ќе повикува за помош на „светиите во Ерусалим“. Прогонет од Ерусалим од омразата на евреите, тој се враќа во својот роден град Тарс, откаде го повикуваат во Антиохија. Тука, во вториот, после Ерусалим, центар на христијанството, каде, според словата на Дела апостолски „учениците за првпат започнале да се нарекуваат христијани“, Павле ќе се издигне на едно од првите места како „пророк“ – односно проповедник во христијанското собрание

На проповедите на „служењето на Словото“, Павле го посветил сиот свој живот, во неа тој го гледа главното, речиси исклучително свое призвание, а во нејзините плодови го гледа печатот на своето апостолство, апостолство кое било оспорувано од некои. Такви плодови биле целата мрежа на Цркви, основани од нив во Мала Азија, Грција, а можеби и во Западниот дел на Римската Империја. Во Дела апостолски особено се забележува избранието од Светиот Дух на Павле (најнапред нарекуван Савле според еврејската форма на неговото име) и на неговиот сопатник Варнава за проповеднички патешествија, опис на кого се посветени сите останати глави од таа новозаветна книга. И ете, од самиот почеток на тоа проповедничко служење пред Павле застанало во сиот негов обем прашањето за местото во Црквата на обратените од јазичништво, прашање кое е краеуголен агол за целата понатамошна судбина на христијанството.

Знаеме дека уште пред проповедта на Павле, христијнатвото се утврдило во главните центри на Римската Империја – во Антиохија, во Александрија, во Рим. Но, сепак, тоа останувало јудејо-христијанство: него го принесувале евреите на расејанието, евреите кои принесувале традиционално поклоничко патување во Ерусалим со цел да принесат молитви и жртва во храмот. Такви надојденици веќе видовме посреде оное кои ја слушаа првата проповед на Петар на Педесетница. Примајќи го христијанството и враќајќи се во своите домови, тие основале општини во еврејските колонии по големите градови. Но, тоа не било излез надвор од пределите на јудејството, спорот за христијанството останувал внатре-еврејски спор. Така, на пример, според зборовите на римскиот историчар Светониј, во 49 – тата година императорот Клавдиј ги иселил сите евреи од Рим заради постоење помеѓу нив на немири, и тоа немири кои настанале како резултат на несогласување во однос на прашањето за некој Христос.

Павле исто така својата проповед во Мала Азија ја започнал помеѓу евреи. Во Дела апсотолски повеќе пати се повторува следнава шема: доаѓајќи во градот, Павле влегува во месната синагога и, основајќи се на Писанијата, кои се читале во неа секоја сабота, започнува да проповеда за Христа. Евреите, со мали исклучоци, го отфрлаат и тогаш тој се обраќа кон јазичниците. Павле никогаш нема да се посомнева во тоа дека токму на Евреите „требаше најнапред да им се проповеда Божјото слово“ (Дела 13, 46). Нивното отфрлање на Христа за него ќе биде „непрестано мачење“. „Јас би сакал – рече тој – да бидам одлачен од Христа заради браќата мои, моите сонародници по плот“ (Рим. 9, 2-3). Но, исто така за него е несомнено и дека Евангелието е упатено кон целиот свет – „во спасение до крајот на земјата“. Отфрлен од евреите, тој до крај го осознава својот призив – да биде апсотол на јазичниците и со нив оттогаш ја соединува својата судбина.

Но сега тоа не се поединчни обраќања, не се исклучоци, туку цели општини од јазичниците. Се однесуваат ли кон нив ритуалните претписанија на Стариот Завет, кои, како што видовме, ја сочувале целата своја сила за ерусалимските јудео-хрисијани? На тоа прашање Павле решително одговара: не! За него тоа не е прашање на „тактика“, односно на подобар начин за обраќање на јазичниците; со тоа прашање за Павле е поврзана целата суштина на христијанското благовестие, целата смисла на спасението, извршено од Христос. Најнапред во посланието кон Галатјаните напишано во замавот на спорот, потоа повеќе „академски“ во посланието до Римјаните – тој го развива своето учење за соодносот на законот и благодата и за слободата од законот на христијаните. Павле воопшто не е склон да го одрекува значењето и вредноста на законот, со други зборови – значењето на Стариот Завет. „Законот е свет и заповедта е света и праведна и добра“. Но во тоа и е значењето на законот, што тој го прави неопходно своето сопствено преодоление: спасението во Христа, се покажува како „детеводител кон Христа“. Оти законот едноставно само востановува што е зло и што е грев, но не дава сили за спасение од гревот. Дури и знаејќи што е добро и што е зло, човекот е бессилен да го уништи злото: „желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили. Оти не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам“ (Рим. 7, 18-19).

Човекот станал слуга на гревот, тој е раб -  и веќе не може самиот да се ослободи од тоа ропство. И ако законот, односно знаењето на нормите би бил доволен за избавување од гревот, тогаш не би било неопходно спасението во Христа. но, давајќи го законот, Бог од една страна му открил на човекот дека злото кое е  „ненормално“ е грев, нарушување на Божјата волја за човекот и светот, од друга страна, пак, го осудил човека, оти бивајќи грешен, но без сили да се спаси од гревот, човекот е бесповратно осуден. Тогаш останува единствено спасението на човекот од самиот Бог и тоа спасение се извршило во Христа. Синот Божји станал човек и, бивајќи безгрешен, го зел врз себе сето бреме на гревовите, сето осудение на законот и со Својата смрт нѐ искупил од тоа осудување. Со самото тоа во Него умрел законот и се воцарила благодатта: преку верата во Христа, преку соединувањето со Него во кршталното уподобување на Неговата смрт, човекот го добил Неговиот живот, престанал да биде раб, за да стане син Божји. А тоа спасение не им е дадено единствено на јудеите, ами на сите луѓе.

Оти јазичниците, макар и не знаејќи го богооткриениот и совршен закон на Стариот Завет, во себе го имаат законот на совеста, кој го осудува злото и затоа се наоѓаат под истата осуда како и луѓето. За Павле правосходството или избраноста на јудеите кого тој никогаш не го одрекува, не е во тоа што тие имаат закон за добро и зло, туку во тоа што ним им е „доверено Божјото слово“, односно преку нив се завршува приготвувањето на Христовото пришествие. Но, Христос доаѓа за да ги спаси сите „оти како Јудеите, така и Елините сите се под грев“ (Рим 3, 9). Со Законот на Мојсеј или со законот на совеста, но „Бог ги затворил сите во непослушание, за да ги помилува сите“ (Рим. 11, 32). „Бидејќи сите кои се крстивте во Христос, се облековте во Христос“ (Гал 3, 27-28). Оној кој, поверувајќи во Христа, учествувајќи во Неговата смрт, имајќи го Неговиот живот, сѐ уште ги прави тие разлики, сѐ уште се надева да прими оправдание од исполнување на надворешните пропишувања на законот, нему му нема „никаква полза од Христа, тој е отпаднат од благодатта“. Оти целата смисла на законот е само во љубовта, законот нема сила во себе за да ја даде таа љубов. Таа ни е дарувана, бесплатно ни е дарувана во Христа и затоа преку Него и во Него законот повеќе не е неопходен. Во него веќе „нема сила ниту обрезанието, ниту необрезанието, туку верата, дејствувачката љубов...“

„Старото помина; сте, сѐ стана ново“ (2 Кор. 5, 17). За новиот живот, за дарот на слободата, за причастието кон благодатта Павле никогаш не престанува да возвестува и тоа евангелие на слободата им се спротивставува на сите кои сакаат да се вратат кон рапството на законот.

Он не барал ништо од јазичниците освен вера во Христа, односно сознателно, целосно обраќање  кон Него и нов живот „во Христа“. но кога тој и неговиот сопатник Варнава се вратиле во Антиохија и раскажале за своето патешествие, тие сретнале спротивставување и осудување од оној дел на јудеохристијаните која продолжила да го смета сочувувањео на Мојсеевиот закон како задолжителен за сите членови на Црквата без исклучок. Започнал долг и мачен конфликт, кој на Павле му принел многубројни страдања и болки. Ништо не преживеал така болно како неразбирањето и гонењето на неговите „лажи-браќа“... А од неговите посланија се гледа дека тој цело време требал да ја заштитува својата проповед, своето апостолство, своето учење од клетвите и насилствата на непријателите кои се обидувале да ги оттргнат од него црквите кои самиот тој ги основал.

Во Дела апостолски тој конфликт, според обичајот на авторот е сведен на основната шема: кон прашањето и одговорот на прашањето од Црквата. Тој одговор бил даден на Апостолите и Ерусалимската Црква, на чие расмотрување било решено да се предаде антиохискиот спор„

Апостолскиот собор“ во Ерусалим (Дела, 15) во црковното предание останал образец за сите наредни собори, мера за соборноста на Црквата. Во него учество не земале само Апостолите, туку и презвитерите, односно ерархијата на месната општина, а преку нив и целата Ерусалимска Црква, при што имено нејзиниот возглавител, Јаков, ги донесува заклучовите и предлага решение. Тоа решение сега веќе „официјално“ ги ослободува христијаните-неевреи од бремето на законот. Ним им препишале само „да се воздржуваат од идоложртвување и крв и од удавено и од блуд“ – со други зборови од учество во јазичничките ритуални трапези. Во тој дух и било напишано посланието кон христијаните во Антиохија, Сирија и Киликија. Навистина, очигледно не сите и не насекаде го примиле тоа решение. Павле требаше да страда уште многу од јудео-христијаните. Но, решителниот чекор беше направен: со ослободувањето на преобратените јазичници од јудејскиот закон – од нивното вклучување во еврејскиот народ – Црквата покажала дека на неа веќе целосно ѝ е осознаен нејзиниот сесветски призив и назначение, и дека подготвителниот, - јудео-христијански период на нејзината историја се завршил.

Павле го продолжил своето проповедничко служење уште многу години. Во Дела апостолски се опишани неговите три најголеми патешествија, но со нив не се исцрпва неговата апостолска дејност. По Мала Азија го гледаме во Грција, во Солун, Коринт, Атина – потоа повторно во Ефес, во Ерусалим, на крајот во Рим. Во секое место проповедта се завршува со создавање на Црква, ракополагање на епископи и презвитери, изградба на христијанска заедница. Како проповедник истапува некој учител, пастир, отец. Посланијата на Павле сведочат за неговата постојана и жива врска со општините кои се основани од него. Тој страда заради несогласувањатра и разделувањата помеѓу христијаните, дава совети и укажувања, ги разрешува недоуманите прашања, се заканува, охрабрува, наредува. Тој во полна мера го воплотува од него самиот формулираниот идеал на пастирство: „Да се биде сѐ за сите, за да се спасат барем неколкумина“. Тој е најмалку од сѐ апстрактен мислител, секој ред напишан од него ни покажува со каква сила чувствувал одговорност за душите, за Црквата, за секој од оние „за кои бил во породилни маки со цел да го изобрази во нив Христос“.

А почетокот на Црквата не беше лесен. Многумина го примале Евангелието со восторг, но не сите успевале да го разберат. Новиот живот, слободата во Христа, радосното единство во љубовта, кои ги возвестувал Павле, премногу често останувале примани во привикнатата јазична перспектива, во дух на емоционална возбуденост, својствена на јазичните култови од тоа време. Опасноста од јудејското законичество ѝ одговарала, од друга страна на опасноста од јазичничката „мистериална“ религиозност, која премногу лесно заборавала за моралната содржина на слободата дарувана во Христа. и било неопходно бесконечно трпение, љубов, неуморна грижа на Павле за да се привикнат новите христијани на евангелското учење во целата негова полнота, за да се искорени „старото“ во новото, „за да се изобрази Христос“ во оние кои се обратиле кон Него.

Во Црквата се разбиваат и човечките страсти: разделување, завист, спорови за лица. Сето време возникнуваат нови прашања, нови тешкотии. Павле одговара на сѐ, влегува во секакви подробности. Но, сите негови одговори, сите негови слова се сведуваат во крајна сметка кон едно, основоположно, безуморно повторувано утврдување и призив: „Во Христа“. во тие два збора се состои целата смисла на христијанството, во нив е даден опис на христијанскиот живот. верата и крштението нѐ соединиле со Христос и сега живееме во Него, за Него, преку Неговиот живот. Тоа значи – во такво единство со Него, во таква љубов кон Него, во стремеж да Му служиме Нему и да Го овјавуваме Него, што целата Црква, сите христијани не се ништо друго освен Самиот Христос, кој продолжува да живее во луѓето и да ги спасува, Тие се Негово Тело, од Него создадено за Него преку Светиот Дух. Ние сме веќе „во Христа“, и затоа треба да живееме согласно со тоа призвание и освештение. И сѐ во Црквата, нејзиното устројство, собори, различни служенија, дури и секојдневните домаќински грижи, сто тоа постои само за да возрастеме во Христа, да ја развиваме и возвестуваме онаа благодат која ја примивме од Него. Така, ако во првите глави на Дела апостолски, Црквата ни е претставена како настапување на ветеното Божјо Царство, тогаш во посланијата на Павле тоа Царство ни се открива како живот на Самиот Христос кој им е дарован на луѓето и кој ги соединува со Светиот Дух во нераскинливо единство со Бога и единство помеѓу себе.

Апостолот го завршил својот живот маченички. Во Ерусалим кон кого постојано се стремел после секое ново патешествие, тој бил фатен од евреите и, за да се спаси од улична расправа го побарал судот на Императорот, оти на тој суд имал право како римски граѓанин. Сонеговото пристигнување во Рим – во заточенишптво - и со двегодишната проповед во престолницата на Империјата завршува расказот во Дела апостолски. И тоа не е случајно. Тема на книгата бил токму тој пат на Црквата од Ерусалим до Рим, од центарот на Израилот до центарот на светот. Служењето на апостолите се завршува со сведоштво кое повеќе не е само сведоштво со слова, туку и со крв. Така, во секој случај, утврдува преданието на Црквата. Што останува после нив? Ништожни групи на луѓе, расејани по светот, никому непознати, речиси од никого во почетокот не забележани. И сепак првата победа е веќе добиена: „до крајот на вселената“ прозвучила Благата Вест за Христа. Крвта на апостолите нѐ приведува кон следната тема – епохата на гонењата. Но, веќе во самиот почеток на тоа второ Крштение на Црквата – крштение со крв – прозвучиле зборовите на апостолот: „Ние сме непознати, но нас ќе нѐ дознаат, нас нѐ сметаат за мртви, но ете ние сме живи, нас нѐ накажуваат, но ние не умираме, нѐ растажуваат, но ние секогаш се радуваме, ништо немаме, но со сѐ владееме“...

Со такво сознание Црквата влегува во вториот период на својата историја.

 

 

 

 

 

 

 

 

Share