Четврток, 29 Јуни 2017

Почетокот на Црквата - V дел

Протопрезвитер Александар Шмеман
Почетокот на Црквата
V дел

Конфликтот со јудејските религиозни власти ја сочинува втората тема на Дела Апостолски. Имено, токму тој конфликт ќе послужи како надворешен стимул преку кого ќе се овозможи новата вера да се распространи и надвор од јудејството, односно ќе ја воведе Црквата на големата патека на историјата.

Конфликтот нараснува веќе на самиот почеток. Два пати, според сведоштвото на Дела апостолски, членовите на Синедрионот наредувале да се уапсат возглавителите на Црквата, но секогаш после испрашување ги отпуштале. Оти христијаните не го нарушувале законот и целото нивно престапление се состоело единствено во проповедта на „името Исусово“ и проповедта за воскресенито на мртвите. Но, учењето за воскресението имало свои приврзаници и помеѓу евреите - во школата на фарисеите. Затоа, во Синедрионот не знаеле како да постапуваат со христијаните, а еден од видните самарјани, Гамалиил директно се искажувал за воздржување од борба: „ако тоа учење е од луѓе, - велел тој, - тоа самото ќе се разруши, а ако е од Бога, тогаш вие не можете да го разрушите“... Авторот на Дела апостолски постојано се води од таа за него основоположителна мисла - дека евреите немаат што да им кажат и замерат на христијаните. Христијанската проповед не само што не му противречи на Стариот Завет, туку и самата е основана на Писанијата, и самата е сведоштво за „исполнение на законот и пророците“. И затоа, како што на основа на лажно сведоштво било единствено можно да се осуди Самиот Христос, така и сега со лажесведооштво непријателите на Црквата можеле да дојдат и до осудување на Неговите следбеници. Во христијанското сознание Законот води кон Христа, отфрлањето, пак, на Христа е „безаконие“, постапка која ги откорнува евреите од нивниот Спасител.

Таа тема на судот на Синедрионот ќе ја развие Стефан, еден од седумдесетте помошници на Апостолите, чие убиство ќе послужи како сигнал за отворено гонење на Црквата. Во долг говор тој ја разоткрива смислата на старозаветната историја како постојано спротивставување на избраниот народ на оној кого Бог му го пратил. Тој долг ред на отфрлања и измами приведува кон конечното отфрлање на Месијата – Спасителот: „Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? И ги убија оние, кои однапред го навестуваа доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци сега станавте вие, – вие кои го примивте Законот преку ангелите, а не го сочувавте“ (Дела 7, 52-53). Тука како да е дадена првата христијанска формулација на трагичниот парадокс на религиозната судбина на Израилот. Отфрлајќи го Законот тој го отфрлил и Оној, за Кого сведочи и кон Кого води Законот и затоа Црквата се појасно се осознава себеси како единствена законска наследница на Стариот Завет, како Нов Израел на Новиот Завет.

Во оној ден стана и големо прогонство против Црквата во Ерусалим; и сите, освен апостолите, се раштркаа по краиштата на Јудеја и Самарија... Оние кои беа раштркани, одеа проповедајќи го Словото (Дела 8, 1, 4). Пред тоа Црквата пребивала во Ерусалим. И ние знаеме дека веќе по самото свое назначување таа требаше одново да се јави себеси како единствено видливо собрание на месијанска општина, собрана околу Дванаесетте во Светиот град, за да сведочи за надоаѓањето на ветеното Божјо Царство. Пребивањето на првите христијани во Црквата беше сѐ уште со ништо не омрачена радост на новиот живот, животот кој започнал во изобилие на дарови, во љубов кон сите, во торжество на победата. Но тој почеток, таа прва глава на постоењето не можела а да не заврши. Црквата требаше да ја прими сета пот, сета прашина на својот вистински, земен, човечки пат. И ете, тој пат сега започнува со гонења, со насилно расејување на христијасните од Ерусалим. Само со страдања, само со вистинска, тестирана лојалност се извршува раширувањето на човековото сознание и тоа бива кадарно да го прими дарот кој ја надминува неговата мера. Евреи по крв, по психологија, по целовековната традиција, која ги образувала, ерусалимските христијани природно, и пред сѐ, во Црквата гледале овенчување на својата историја. Тие ја восприемале Црквата како последен и најголем дар од Бога за Својот народ, како духовно завршување на јудејството.

Нивното човечко сознание сѐ уште не го придобивало сесветското сечовечко назначение на Црквата, останувало ограничено на „плот и крв“. Затоа, во Дела апостолски гонењето во Ерусалим е покажано како некакво провидетелно указание на христијаните да го остават Ерусалим, да заминат зад пределите на јудејството и да му ја однесат проповедта за Христа на целиот свет. Но тоа укажување нема да биде сфатено и нема да биде примено од сите. Прашањето за приемот на јазичниците, односно прашањето за над-јудејското, сесветско назначение на Црквата ќе стане прва и остра „растечка болест“ за христијанството. Дотолку е поважно да се запамтат првите примери на тој раст, а кои ги наведува авторот на Дела. Тоа се: проповедта на Самарјаните, кои одамна се отцепиле од правовоерното јудејство, обраќањето на римскиот стотник Корнилиј, крштението од страна на Филип на Етиопскиот велможа.... Го гледаме чудењето, некогаш дури и недоверието на ерусалимските христијани – зарем не им говореше Господ на Апостолите: „По пат кон незнабожци не одете и во самарјански град не влегувајте“ (Мт. 10, 5). Но ете и самиот Петар утврдува дека и на нив слегнал Светиот Дух „како и на нас во почетокот“, но во видение Самиот Бог им вели на христијаните да не го сметаат за нечист оного кого Он го очистил... Навистина тоа се само исклучоци: други проповедници одат и подалеку – до Финикија, Кипар, Антиохија, може да се мисли дека тогаш - од дојдениците од Ерусалим – била основана Црквата во Рим, но за сите тие мисионери директно се вели дека не му проповедале никому освен на јудеите. А сепак началото на обраќањето на „надворешните“ е положено. Еврајска општина или Вселенска Црква? Спасение на Израилот или спасение на светот? Тука, во расказот на Дела ние го сретнуваме тој човек, кому ќе му биде судено целиот свој живот да го даде на негово разрешување и со своето служење како Апостол на јазичниците ќе го заврши почетокот на Црквата.

Share