Четврток, 29 Јуни 2017

Интервју за брачните односи со Архимандритот Георгиј Капсанис

 

ИНТЕРВЈУ ЗА БРАЧНИТЕ ОДНОСИ СО АРХИМАНДРИТОТ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС

(Игумен на манастирот “Преподобен Григориј” - Света Гора)
- Интервјуто е дадено за книгата Ο Γαμος, на Константинос Евтимиу -

1117.jpg

Прашање: Старче, изгледа дека човекот нема љубов, туку намера за љубов. Ако е тоа вистина, тогаш кон што треба да се насочуваат неговите обиди за да возљуби вистински?

Старецот: Човекот ја има од Бога благодатта да љуби, но тој дар го има во потенција. Дарот треба да стане дејствителен. За да преминеме од потенција во дејствителност, секој од нас треба да се ослободува од себељубието, кое е болна егоцентрична љубов кон самите себе. Светите Отци велат дека никој не може да биде богољубив и човекољубив, ако е себељубив. Следствено, целата борба е во тоа да се ослободиме од нашето себељубие, а тоа не може да се случи без многу подвиг и молитва, и без Божјата благодат. Светителите го надминале нивното себељубие и затоа можеле вистински да ги возљубат Бога и човекот. Сега ние, пак, љубиме во мерата според која се ослободуваме од нашето себељубие. Колку помалку сме себељубиви, толку повеќе вистински љубиме. Колку повеќе сме себељубиви, толку помалку љубиме. Борбата на христијанинот се состои во следново: непрекинат бунт што треба да го прави против неговото јас, односно против неговиот болен егоизам, за да стане индивидуата личност. Индивидуата станува личност, кога се отвара кон Бога и кон луѓето, односно кога е во заедница со Бога и со луѓето.

Прашање: Што е индивидуа, што е човек и што е личност?

Старецот: Човекот е Божјо создание, кое може да стане индивидуа или личност. Индивидуа станува кога е затворен во себеси и не општи ниту со Бога, ниту со луѓето, и кога нема внатрешна духовна заедница и кога не го надминува својот егоизам. Индивудуа е и една мачка, едно куче, односно индивидуа е биолошко постоење. Но човекот ја надминува индивидуата, колку што повеќе стекнува заедница со Бога и со луѓето. Бракот многу помага во тоа, бидејќи гледаме двајца млади кои, додека пред да се возљубат еден со друг, секој од нив се разбира само себеси и вели јас, но штом вистински ќе се возљубат меѓу себе, тогаш се чувствуваат соединети еден со друг и велат ние. Тоа надминување на јас и на ти, кои стануваат ние е веќе нешто што ги води младите луѓе кон тоа да станат личности, да живеат во заедница. Но, како што реков и претходно, таа заедница не треба да се ограничува во меѓусебната заедница на двајцата млади кои се љубат, туку треба да напредува во љубов кон Бога и во љубов кон сите луѓе.

Прашање: Која е смислата на бракот и која е неговата цел според општеството денес, но и според нашата Црква?

Старецот: Според општеството, вие кои живеете во светот знаете подобро од мене. Според Црквата ова е голема тајна, а јас ви зборувам за Христа и за Црквата. Црквата, Апостолот Павле, словото Божјо сакаат бракот да не биде обичен општествен договор и биолошки настан, туку да биде и духовен настан, па да им помага на луѓето во нивното духовно усовршување. Тоа е една од кожните облеки, со кои Бог го облече човекот по падот  заради утеха во неговото прогонство и во неговата смртност. Значи бракот е свештена установа, благословена од Бога, која им помага на луѓето да ја живеат тајната на љубовта. Затоа светиот Јован Златоуст бракот го нарекува тајна на љубовта. Во тоа психосоматско единство луѓето учат да го надминуваат нивниот егоизам, односно јас и ти да стануваат ние. Потоа, да можат да се љубат еден со друг, едниот да му се принесува на другиот, едниот да има трпение кон другиот и да се жртвуваат еден за друг, така што таа љубов помеѓу двајцата сопружници, како што минува времето, да станува посовршена, попотполна и позрела. Во бракот брачните христијани треба да созреваат, како што минува времето, и да постигнуваат поголеми степени на љубов, која нема да биде само телесна, туку ќе биде и духовна. Таа љубов полека - полека да се проширува и на оние вон семејството, односно во почетокот на децата кои ќе дојдат на свет, а потоа да излегува од семејството и да го прегрнува целиот свет.
Ние православните христијани треба да внимаваме, затоа што дури и таа семејна љубов може да има егоцентризам, ако ги љубиме само оние кои се во четирите ѕида на нашиот дом. Тоа е демонска љубов. Ние го љубиме нашиот животен другар и нашите деца, за да можеме потоа да го возљубиме целиот свет. Значи, љубовта почнува од семејството, но не завршува во семејството, туку треба да биде севкупна (соборна) љубов за сите луѓе. Господ вели: возљуби го својот ближен како себеси. Ако не го возљубиш својот ближен, а во случајов сопругот или сопругата, децата, родителите и браќата, тогаш како ќе ги возљубиш подалечните? Ги љубиш блиските за да ги љубиш и далечните. Не ги љубиш блиските за да останеш само на тоа, затворен во една семејноцентрична љубов, како што видов дека се случува во Америка, каде што луѓето навистина го љубат семејството, но само заради себеси. За нас, семејството постои за да биде мост кој ќе нè одведе во љубовта кон Бога и кон сите луѓе.

Прашање: Бракот е Света Тајна. Старче, што е Света Тајна?

Старецот: Светата Тајна, техничкиот термин “Света Тајна”, значи дека дарот се дава со видливо нешто, но она што се извршува, односно соединувањето на мажот и жената, е невидливо (духовно). Целата Црква е  Света Тајна на Богочовечко соединување и заедница. Моменти на таа единствена Света Тајна на Црквата се таканаречените седум Свети Тајни преку кои се означува Црквата, според светиот Никола Кавасила. Значи во нив се пројавува Црквата, се реализира Црквата како заедница на Бога и луѓето и се дава благодатта на Светиот Дух. Според тоа, и бракот е света тајна на соединување на сопружинците во Христа и во Црквата. Соединувањето на сопружинците не е само помеѓу нив, туку е во Христа и во Црквата. Светата Тајна на бракот го осветува тоа соединување и го прави црковна Света Тајна.

Прашање: Старче, што значи тоа дека бракот е образец на Христа и на Црквата?

Старецот: Односот на младоженецот и невестата е икона, која го покажува односот на Христа и Црквата, каде што постои многу длабоко единство на Христа и Црквата, а истовремено личностите не ја губат својата природа. Христос останува Христос, а невестата (душата) останува човек. Се случува соединување на Бога и човекот, без Бог да престанува да биде Бог, а човекот без да престанува да биде човек. Значи, нема конфузија. Како што Христос ја љуби Црквата и како што Црквата е соединета со Христа, така и сопружинците треба да се љубат еден со друг и да бидат соединети меѓу себе, но и со Црквата.

Прашање: Општа констатација е дека бракот и семејството денес минуваат низ најдлабока криза. Старче, кои се причините за оваа криза?

Старецот: Мислам, најосновното е тоа што го реков, луѓето немаат разбрано дека бракот и семејството постојат за да го надминуваме нашиот егоизам и за да се смириме вистински. Кога сопружинците сфаќаат дека целта на бракот е стекнување на најголемо можно подобрување на личноста со обострано смирение, тогаш се менува нивниот став во бракот. Меѓутоа, ако мислат дека бракот е егоистично задоволување и наметнување на нивното јас итн., тогаш ќе имаат неуспех. Во бракот обично имаме судир на егоизми, па затоа доживува неуспех. Ако едниот сопружник е егоист, а другиот е смирен, тогаш се спасува нивниот брак. Ако и двајцата се смирени, тогаш бракот има голема благодат и благослов од Бога, а тоа им помага ним и на нивните деца. Тоа и се бара, како двајцата сопружници ќе станат смирени, па со смирението да напредуваат и самите како личности, но да напредува и бракот и семејството. Но макар и еден да е смирен, му помага на другиот да стане пополека смирен. Смирението носи смирение, а егоизмот носи егоизам. Според тоа, работата е кој ќе го скрши оклопот на егоизмот со своето смирение.

Прашање: Дали можеби Философијата, западната култура и средствата за јавно информирање имаат придонесено за кризата на бракот и на семејството? И ако имаат, тогаш кој е начинот на одбрана?

Старецот: Ѓаволот ги употребува философијата и културата и ги прави свои инструменти, за да ги вовлекува луѓето. Тоа се случува денес. Бидејќи философијата денес е егоцентрична, човекоцентрична, индивидуалноцентрична, затоа таквата култура нормално не им помага на луѓето, ниту му помага на бракот да живее правилно, ниту било што друго да живее правилно. Следствено, атмосферата на таа егоцентрична култура има најдлабоко влијание врз институцијата на бракот и врз сите инситуции на човековиот живот, ги труе и ги води во катастрофа. Но поради таа причина ние треба да се обидуваме да влеземе во климата на Црквата. Колку што ние се обидуваме да ја одбегнеме атмосферата на таа човекоцентрична и егоистична клима на нашата епоха со тоа што ќе живееме во Богочовекоцентричната клима на Црквата (која е крајно спротивна), толку повеќе можеме да се соочуваме правилно со бракот и со сите инситуции на нашиот живот и со сите детали на нашиот живот. Нормално, нешто што ни помага да живееме во Богочовекоцентричната клима на Црквата, е нејзиниот литургиски живот, односно нашето учество во богослужбениот живот на Црквата. Надвор од Црквата царува човекоцентризмот, а во Црквата царува Богочовекоцентризмот. Следствено, влегувајќи во Црквата се детоксифицираме од духовните отрови што секој ден ги примаме надвор во општеството во кое живееме. Се врши духовна детоксификација. И така ги усвојуваме љубовта и духот на Христовата жртва, трпение и смиреномудрие. Центар на нашиот живот да биде Христос. Тоа ни помага поправилно да го заштитуваме и нашето семејство.

Прашање: Философи, социолози и други научници и политичари се обидуваат да пронајдат начини за соочување со проблемите на бракот. Мислите ли дека такви правни или советодавни начини можат да му помогнат на институтот на бракот?

Старецот: Видете, и тие може нешто да сторат, но не можат суштински да помогнат. Во второстепени работи нешто може да придонесат. Меѓутоа, ако Господ не ја изгради куќата, залудно се труделе градителите. Затоа основата на бракот е: во Христа преродувањето на луѓето во Црквата, односно нивниот живот во Црквата. За некои психолошки и слични проблеми може да помогнат и оние кои се занимаваат со проблемите на бракот, но само ако не се инспирирани од атеистички начела. Знам брачни луѓе кои за помош отишле кај психолози со атеистички начела и наместо добро претрпеле штета. Доколку психолозите, социолозите и правниците се луѓе со христијанска вера, тогаш може да помогнат и со тие науки, и во секој случај штета нема да сторат. Секако, ако не се христијани, може да направат и штета.

Прашање: Што значи автономија, себељубие и егоизам и во колкава мера истите имаат одговорност за кризата на бракот и на семејството?

Старецот: Себељубието, егоизмот и автономијата е кога се сметаш себеси за центар на светот и кога не сакаш со смирение да прифатиш дека не си ти центарот на светот, туку дека тоа е Пресветиот Бог. Ниту можеш да бидеш послушен кон себеси, затоа што ти не си се создал себеси, туку си Божјо создание и според тоа треба да бидеш послушен на Неговата волја.

Прашање: Веруваме дека православниот брак е Света Тајна и дека не се раскинува. Според тоа, како се објаснува фактот дека и тој се наоѓа во истата криза со граѓанскиот и со еретичкиот брак?

Старецот: Затоа што, како што рековме, и христијаните учествуваат во овој разболен свет. Следствено, не е можно и нивниот брак да не ги следи симптомите на болниот свет. Меѓутоа ако сопружинците се осветуваат, тогаш сето тоа се надминува.

Прашање: Веруваме дека православниот брак е Света Тајна и според тоа е нераскинлив, бидејќи Светиот Дух ги соединува сопружинците. Меѓутоа како се одржува нераскинлив, кога сопружинците се одвраќаат еден од друг, при што Светиот Дух ја повлекува Својата благодат од нив?

Старецот: Секако, бракот е Божји дар и треба да стануваме достојни за тој дар. Чинот на бракот не е нешто магиско. Во сè е потребна соработка на Бога и луѓето. Бог ја дава благодатта, а човекот се труди да станува достоен за неа. Навистина, во свештенодејствието на бракот слегува Светиот Дух и тоа врз оние кои одат во црква не поради формални причини, туку поради суштински причини, за да ја побараат благодатта на Светиот Дух. Светиот Дух слегува и го дава дарот на живеење во брак во Христа, но тоа се одржува доколку луѓето го сакаат и го бараат, а потоа го одржуваат. Светите Тајни не дејствуваат магиски. Треба да постои соработка и во вршењето на Светата Тајна и после неа, во текот на целиот брачен живот

 

Прашање: Што треба да знае и да стори некој за да може свесно да му каже на другиот ти си мојот живот, сега живеам за тебе? Значи, на кој начин јас станува ти?

Старецот: Со смирението и со молитвата. Колку што напредуваме во смирението и во молитвата, толку повеќе и го чувствуваме другиот човек како Божји дар. Тоа е голема работа. Во бракот сопружинците треба да се чувствуваат еден со друг како Божји дар во нивниот живот.

Прашање: Како може некој да го види другиот како Божји дар, кога му создава толку проблеми во животот?

Старецот: Проблемите може да постојат, но ни помагаат во подвигот на трпението и на смирението. Треба за нив да имаме добри помисли, за да ги претвориме од негативни во позитивни. Го љубиме другиот човек таков каков што е, и покрај недостатоците што ги има и покрај тешкотиите што ни ги предизвикува, за да биде и тој и ние какви што нè сака Бог.

Прашање: Дали заљубениот љуби вистински или доживува трогнатост или екстаза на некоја негова страст?

Старецот: Еросот е Божји дар. Божји дар е, но поради падот, треба да се преобрази. Затоа што еросот сам по себе, без да се преобрази во димензиите на Црквата, на Царството Божјо, може да биде и страшно штетен. Гледаме двајца заљубени како едниот го убива другиот или како се самоубиваат и сл. Бидејќи човекот е паднат, затоа може да го доживува еросот на еден многу болен и смртоносен начин. Поради тоа  еросот и сè друго треба да влезе во Црквата за да се освети. Црквата го осветува еросот со институцијата на бракот.

Прашање: Во некои емисии, и тоа на државната телевизија, профессори по психологија и други општествени фактори даваат совети за сексот во бракот. Таму се кажуваат работи што предизвикуваат психолошки судир кај децата во врска со авторитетот на таткото и на професорот на телевизијата, но и една безизлезна ситуација кај самиот татко. Сфаќањето што владее во врска со проблемот е да не реагираме воопшто. Правилно е тоа?

Старецот: Не, туку треба да протестирате и да им кажете и на други да праќаат писма и телеграми на министрите и на компетентните луѓе. Затоа што, ако има реакција, тогаш тие се подзамислуваат. Меѓутоа, ако христијаните пасивно прифаќаат толку неприфатливи работи, тогаш и тие стануваат дрски.

Прашање: Многу пати некој хомосексуалец или некој сличен се жали на телевизија за навреда на неговата личност. Зарем тие страсти сочинуваат личност?

Старецот: Видете, тоа се болести, како што знаете. Болести и гревови. Меѓутоа, ние и покрај сето тоа со луѓето се соочуваме со грижа и со љубов, но гревот и страста што ги носат, нормално, ги осудуваме. Никогаш не ги осудуваме луѓето, туку ги осудуваме страстите. И блудниот син со неговите страсти бил син, не престанал да биде син. Секако, бил блуден, но бил син! Според тоа и овие луѓе во нивниот пад, во нивната слабост, не се целосно без врска со Бога, а ние треба да се молиме да ги просветли Бог да се исцелат од нивните страсти.

Прашање: Како успеваат, ако успеваат, еретици или номинални православни христијани да имаат правилни семејства и да живеат мирно и радосно?

Старецот: Не знам дали може да биде тоа надвор од Црквата и без Христа. Но рековме дека луѓето и во нивниот пад се Божји деца, и може, иако ја немаат правата вера, сепак да прават и нешто добро, но тоа добро не ги спасува. Може во едно семејство луѓето да немаат психолошки или други проблеми, но тоа не ги води во спасение. Подобро е едно семејство кое има некои проблеми и каде што луѓето се смируваат и одат кон спасение, отколку едно семејство кое е според сè, да речеме, општествено беспрекорно и каде што луѓето Го губат Бога, бидејќи во “беспрекорното семејство” се зголемува нивниот егоизам и нивниот егоцентризам.

Прашање: Дали алтруизмот, меѓусебното почитување и взаемното попуштање можат сами по себе да го спасат бракот и да го направат семејството радосно?

Старецот: Сами по себе, ако не ги облагоди Бог, не. За нас православните христијани, добродетелите се дарови на Светиот Дух, а Неговиот плод е љубов, радост, мир, долготрпеливост, добрина, вера, кротост, воздржание; против овие нема закон.

Прашање: На кој начин жената му станува помошник на мажот?

Старецот: Жената му станува помошник на мажот и мажот на жената, доколку и двајцата за своја цел го имаат нивното спасение.

Прашање: Што значи жената да се бои од мажот?

Старецот: Тоа значи длабоко почитување. Како што велиме во страв Божји, а не  подразбираме ропски страв, така и кога вели да се бои од мажот, значи да го почитува мажот. Но светиот Козма Етолски вели дека и мажот треба да ѝ биде послушен на жената, доколку не му бара да прави работи спротивни на Божјата волја. Знаете, смирението на мажот многу ѝ помага на жената. Ако мажот нема смирение, тогаш жената реагира егоистички и не сака да ја прифати неговата власт.

Прашање: Старче, дали мажот има некакво првенство? Ако има, тогаш кое е тоа и која е неговата цел?

Старецот: Го има првенството на жртвата и на смиреномудрието. Ние силните сме должни да ги носиме слабостите на немоќните и да не си угодуваме себеси.

Прашање: Многумина и тоа образовани луѓе, можеби плашејќи се од бракот и од правните последици на еден развод, претпочитаат да живеат заедно со или без вонбрачни деца. Како го оценувате тој феномен?

Старецот: И тоа е во рамките на тој дух што го спомнавме, каде што луѓето, бидејќи не се љубат вистински еден со друг, не сакаат едниот да ги преземе одговорностите на другиот. Љубов значи да ја земеш одговорноста на другиот, а ја земаш не со неодговорен однос, кој не те обврзува во ништо (вонбрачен однос), туку ја земаш со еден однос кој има одговорност. Секој кој ќе реши да стапи во брак, ја зема одговорноста за другиот човек и верува дека неговиот брак ќе трае цел живот. Да, тоа е љубов.

Прашање: Дали младите од нашава епоха имаат свест за сериозноста на бракот и за нивната одговорност за семејството?

Старецот: Трулежноста на нашето општество е општа. Не е само кај младите, туку и кај постарите. Овде гледаме луѓе кои се во брак триесет години, а за некакви безначајни причини се разделуваат, напуштаат деца и ги растураат семејствата. Според тоа, одговорноста не е само кај младите, туку и кај постарите, кај сите нас. Сите сме виновни и сите имаме потреба да им се вратиме на начелата на Црквата и да разбереме конечно дека без смирение, без молитва и светотаински живот, бракот не е лесно да се одржи. Многумина доаѓаат по десет години и ми велат дека одлучиле да се разведат. Ги прашувам: Се имате ли воопшто исповедано во овие десет години? Не. Одите во Црква? Не. Се причестувате? Не. Се молите? Не. Е па, без Христа како ќе се одржи семејството? Нели е така? Светото Писмо вели: ако праведникот одвај се спасува, тогаш нечестивиот и грешникот... Значи, ако со Христа и со борбата на христијанинот е тешко да го победиме нашиот егоизам, за да имаме среќно семејство, тогаш колку  е потешко кога воопшто не се бориме. Затоа не гледам поголема слабост кај помладите од постарите. Помладите ја имаат и олеснителната околност што немаат и економски можности. Денес со невработеноста што постои, кутрите деца имаат многу проблеми и се соочуваат со многу тешкотии, затоа што ги немаат предиспозициите, немаат куќа каде да живеат, ниту пари да го одржуваат своето семејство, а тоа е многу значајно. Тука постои одговорност на сите нас: ќе треба да им помагаме на младите да оформуваат христијански семејства. Треба да се заинтересираме за проблемот на невработеноста. Мислам дека би било важна работа од страна на државата и на Црквата да се заинтересираат секој нов брачен пар да има сопствена куќа и да може да живее човечки. Како можат младите да живеат денес, како ќе формираат семејство, кога немаат да ја платат високата кирија, сметките и многу други трошоци, кога немаат никаква работа или имаат некаква работа, а примаат плата што не им стига за ништо?

Прашање: Дали можеби автономијата, независноста на брачните парови наспроти останатото татковско семејство предизвикува проблеми во бракот?

Старецот: Овде е потребен од страна на сите, и на родителите и на младите брачни парови, став на љубов, па ниту постарите да се обидуваат да влијаат врз младите и да не  прават пречки во сопружничкиот живот на нивните деца, но и помладите да покажуваат почит кон постарите, секако одржувајќи го на некој начин нивниот семен азил. Двајцата млади сопружници треба да го развијат нивниот живот. Другите не треба да интервенираат и да им го расипуваат животот. Од друга страна, пак, младите деца треба да знаат дека сето добро што го имаат го примиле од нивните родители, и да им ја покажуваат потребната почит, да им покажуваат љубов, грижа итн., но и секогаш да ја држат својата куќа во таква состојба што да не може никој да ѝ направи штета.

Прашање: Дали сопружинците, чијшто брак се наоѓа во длабока криза, примаат совети или сметаат дека самите правилно се соочуваат со нивните проблеми?

Старецот: Зависи од смирението што го имаат и од тоа колкава љубов имаат за Бога. Лично, имам запознаено доволно случаеви каде сопружинците биле разведени десет години. Потоа ја сфатиле нивната грешка, виделе дека не требало да се разведат и повторно се соединиле. Тоа е добар знак. Така семејството се спасува. Да се молиме тоа да се случува со сите луѓе кои се развеле, но не стапиле во брак со друга личност. Затоа, добро е, некои кои се развеле и поради некое искушение, да не брзаат да воспоставуваат друга врска и да стапуваат во брак, за да можат, кога ќе помине искушението по една две години, повторно да се соединат.

Прашање: Што треба да прават сопружинците, та нивното различно мислење и спротивставени мислења да не предизвикуваат судири, туку составување на правилно мислење и причина за љубов?

Старецот: Некој треба да отстапува и со своето смирение да му помага на другиот и тој да се смири.

Прашање: Дали можеби едниот сопружник треба да ги контролира дејствијата на другиот? Ако е тоа правилно, тогаш како може да се случува таа контрола без да ја навредува, туку да ја пројавува љубовта?

Старецот: Сега што да кажам јас, немам искуство на тие работи. Доколку постои смирение и ако му кажеш нешто на другиот заради негово исправање, но со голема љубов и со големо смирение, тогаш нема да се навреди. Меѓутоа ако сфатиш дека се навредува, тогаш подобро да не кажеш ништо. Моли се.

Прашање: Која е психологијата на жената, која се прикажува како што наметнува модата, за да им се допадне на другите или на себеси, трошејќи така големо количество од семејниот приход?

Старецот: Тоа е во природата на женското општо, а во случајов во природата на жената. Само кога една жена напредува во духовниот живот, може да го надминува тоа и да се скроти во рамките на скромноста и достоинството. Меѓутоа кога една жена не живее духовен живот, тогаш се остава себеси слободна да го изложува и промовира не нејзиниот душевен свет, туку нејзиното тело, за да го привлече интересот на мажите. Секако, тоа е нешто егоистичко, односно тоа е обид за егоистичко промовирање на себеси, на нејзината болна внатрешност и тоа бара духовна терапија. Од друга страна, пак, и ние тоа го гледаме со некаква симпатија, особено кај младите девојки кои не можат да најдат сопруг и се облекуваат така за да најдат некое момче и да се омажат. Тоа е нешто што треба да го видиме со разбирање, но не дека така треба да биде. Не, не треба. Туку, за жал, девојките кои го промовираат своето тело веројатно инстиктивно, а не со мисла, не со таква намера, на крај страдаат од тоа. Затоа што ги тераат и другите да ги гледаат како тела. Потоа, кога ќе се омажат, нормално дека нивниот брак не може да има духовен темел. Има телесен темел, кој е многу кршлив. И така бракот се растура, затоа што оној кој поради телесни причини избрал некоја девојка, подоцна ако види друга која поради телесни причини ќе ја најде како поинтересна, тогаш ќе ја остави првата и ќе оди кај втората.

Прашање: Постојат разведени брачни парови кои иако тврдат дека не се мразат еден со друг, туку и дека взаемно се почитуваат, сепак не се осмелуваат или не сакаат повторно да се соединат. Дали ова нивно тврдење може да е вистинито или се наоѓаат во заблуда?

Старецот: Може да е вистинито, но тоа не е доволно. Взаемното почитување треба да се дополни и со потполно взаемно прифаќање. Взаемното почитување секако е некаков позитивен став наспроти другиот, но тоа не е целосно прифаќање. Според тоа, треба да преминат на целосно прифаќање, што значи повторно соединување.

Прашање: Некои разведени или во брак, иако се одвраќаат еден од друг, сепак тврдат дека ги љубат нивните деца. Дали може да е вистинито едно такво тврдење или наоѓајќи се во заблуда не ги љубат ниту нивните деца?

Старецот: Може да ги љубат нивните деца, но таа љубов не ги спасува, доколку не се љубат и меѓу себе. Светиот Јован Златоуст вели дека сопрузите треба да ги љубат своите сопруги повеќе од нивните деца. Треба барем да им велат:  “Јас, не гледај сега што имаме деца, не ги љубам повеќе од тебе. Прво те љубам тебе, а потоа децата. Ти си незаменлива во мојот живот, ти си сè за мене”. Па, така жените да не се жалат дека, ете сега имаме деца и ме заборави мојот сопруг и ги љуби децата. На истото треба да внимава и сопругата.

Прашање: Доколку разведените сопружници повторно се соединат, тогаш што треба да прават за да живеат мирно, спријателени и возљубени? Дали можеби еден таков обид е утопија?

Старецот: Не е воопшто утопија, затоа што имаме многу примери на луѓе кои повторно се соединиле и вториот период на нивниот брачен живот бил многу повозвишен од првиот. Периодот што го минале разделени ги натерал да увидат колкава потреба имаат еден за друг, колку незаменлив е едниот за другиот и дека едниот кон другиот треба да се однесува со смирение, за да се одржи бракот. Според тоа, може да излезе на добро, нешто негативно да излезе добро, и не е воопшто утопија, затоа што со Божјата благодат сè бива.

Прашање: Кои се практичните чекори што сопружинците ќе треба да ги направат, ако сакаат:
1) да се ослободат од меѓусебните расправии и од зависта,
2) да му ја прости добриот прељубата на другиот и да го спасат  бракот, и
3) ако се имаат разведено, повторно да се смират и да се соединат?

Старецот: Чекорите се кон Христа. Колку што одиме поблиску до Христа, толку поблиску доаѓаме и меѓу себе. Колку повеќе се оддалечуваме од Христа, толку повеќе и меѓусебно се оддалечуваме.

Прашање: Многумина тврдат дека духовникот, ако е женет, дава совети според тоа како тој живее со неговата попадија, а ако е безбрачен, тогаш не знае ништо за семејството, па затоа ја одбегнуваат исповедта. Што би имале да им кажете на тие? И како можеме да процениме дали еден духовник е добар или не?

Старецот: Од плодовите се познава дрвото. Доколку духовниците ја имаат Божјата благодат, било да се брачни или безбрачни, тогаш ќе даваат совети според Бога. Затоа треба да наоѓаме благочестиви духовници, кои имаат духовно искуство и страв Божји. Кога ќе ги најдеме, ќе им бидеме послушни.

Прашање: Што е вера, а што е логика и како функционираат?

Старецот: Верата е предавање на Бога. Нашиот живот да Му го предадеме на Бога. Логиката е еден Божји дар, кој е полезен, ни помага во нашиот секојдневен живот, но не може сама по себе, без Божјата благодат и просветлување, да ни ги реши нашите егзистенцијални проблеми. Тука е грешката што денес ја прават многу луѓе. Мислат дека со нивната логика (разум) ќе Го познаат и ќе Му се доближат на Бога, ќе живеат среќни во нивниот живот, итн. Но сето тоа е голема заблуда, бидејќи светилката на нашата логика фаќа два метра околу нас, како што вели Киеркегард, но не го осветлува небесното. Небесното го спознаваме преку верата и преку прифаќањето на Бога Кој ни се открива.

Прашање: Ако е правилно да ја практикуваме нашата волја заради Божјата волја и заради нашето спасение, тогаш како може да се постигне истото кога не Го познаваме Христа, ниту ги сфаќаме Неговите доброчинства, но ниту ја чувствуваме потребата за нашето спасение, туку само го посакуваме телесното?

Старецот: Тогаш не може ништо да биде. Ако го посакуваме телесното, тогаш не може да биде ништо. Човекот треба да ги насочи кон Бога трите душевни сили, и разумот и волјата и чувството. Целиот човек да функционира кон Бога. Насоченоста кон Бога треба да биде насоченост на целиот човек. Може да се вежба нашата волја заедно со чувството и заедно со разумот. Целиот човек треба да ја негува љубовта и послушноста кон Бога. Со нашиот ум да мислиме на Бога, со нашето срце да Го љубиме Бога, а со нашата волја да Го бараме Бога. Кога Го имаме Бога како центар, а не нашето јас, тогаш Христос ги соединува овие три сили на душата и тогаш не сме расцепкани. Доколку човекот едно размислува со својот разум, друго сака со својата волја, трето љуби со своето чувство, тогаш е расцепкан. Христос го обединува и внатрешниот човек, односно трите дела на душата.

Прашање: Која е разликата помеѓу верата во Бога и довербата во Божјата Промисла?

Старецот: Исто е. Ако веруваш во Бога, тогаш имаш доверба и во Божјата Промисла.

 

 

 

Share