Четврток, 29 Јуни 2017

Почетокот на Црквата - IV дел



Протопрезвитер Александар Шмеман
Почетокот на Црквата
IV дел
Каков е, да се запрашаме сега, потврдниот идеал на живот во првобитната христијанска општина. Односно, во што се пројавува новиот живот кој, како што видовме, ни се дава во крштението, се осуштествува во Евхаристијата и му се исповеда на светот како пат на спасението? Тој идеал најдобро можеме да го опишеме како единство во љубов. Нам ни е тешко да го разбереме и да го почувствуваме тој аспект на првохристијанството, затоа што во современото сознание – дури вклучително и црковното – единството обично се разбира или апстрактно, „идеолошки“, или како применета вредност: единство заради нешто, единство против некого... За раната Црква единството е последна, најголема вредност, виша смисла на животот, кој им е откриен на луѓето од Христа. Црквата е востановување на единството кое е нарушено, разрушено од гревот, односно од самољубието и отпаѓањето од Бога. Во нејзиното Крштение – односно соединување со Христа и во живото учество во Неговиот живот преку прекршувањето на лебот – се соединуваат со Бога, а во Бога повторно го наоѓаат и единството на едни со други. Како се пројавува тоа единство? Пред сѐ во дејателната љубов, во која секој се осознава дека им припаѓа на сите и во замена – ги осознава сите како му припаѓаат нему. Љубовта со која Бог толку го возљуби светот што за него Го даде Својот Син, живее во Црквата и е нејзино главно и прво сведоштво за Христа. „Возљубени – вели апостол Јован кон крајот на својот живот – „како што Бог нѐ засака, така и ние треба да се љубиме еден со друг. Никој никогаш не Го видел Бога; ако се љубиме еден со друг, Бог е во нас и Неговата љубов станува совршена во нас“ (Јн. 4, 11-12). Љубовта изискува заеднички живот, вистинско единство – не само во верата или учењето, туку и во општењето. Денес единството на христијаните меѓу себе, уви, во најголем дел се „симболизира“ единствено во богослужбеното заедничарење но, во раната Црква Литургијата го овенчува вистинското единство, постојаното заедничарење во секојдневниот живот и таа е незамислива без тоа општење. Во ранохристијанската мисла ниту еден збор не се повторува толку често, како зборот „браќа“, но во тоа братство христијаните ја вкладуваат целата негова животна, дејателена смисла. Тоа се изразува во едномислие: „Во мноштвото на оние кои поверуваа имаше едно срце и една душа“. За радоста на едномислието – „утешението со општа вера“ – постојано напоменува Павле, просејќи да го зачувуваат, просејќи: „снисходите си еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете! А над сето тоа облечете се во љубов, која е врска на совршенството, и мирот Божји да завладее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни!“ (Кол. 3, 13-15). Тоа се содржи и во дејателната заемна подршка и грижа на сите за сите, грижа које е подеднакво материјална и духовна. Во Дела апостолски читаме: „А сите оние кои поверуваа, беа заедно и сѐ им беше општо. И ги продаваа своите сопствености и имоти и тоа го споделуваа со сите, секому според неговата потреба... и никој не велеше дека нешто од неговиот имот е негово, туку сѐ им беше заедничко... зашто сите кои имаа ниви и куќи ги продаваа, а добивката од продаденото ја донесуваа и ја ставаа пред нозете на апостолите. И секому му се даваше колку што му беше потребно“ (2, 44-45; 4, 32-35). Така, во првото време на христијанството, релативната малубројност на христијаните во Ерусалим дала можност радикално да се осуштествени единство на животот преку обопштување на сите поседи. Она што во нашите дни е толку несреќно наречено „првохристијански комунизам“, во суштина не било резултат на никаква специфично христијанска економска или социјална теорија, туку пројава на љубов, со други зборови, смислата на расказот од Дела апостолски не е во самото смешување на сопственостите, како акт, ами во тоа сведоштво за новиот живот кој целосно го преобразува стариот, а кое се пројавило во тоа општење. Веќе во посланијата на Павле наоѓаме призив „секому да му се додели според расположението на своето срце“, што укажува на сочувувањето во другите општини на личната сопственост. Но, максимализмот на ерусалимската општина – тоа братство на „ништите“ како што ги нарекол Павле, во христијанското сознание секогаш останува неотклонлив пример и завет; идеал на полно преображение на животот, вистинско обновување на сите човечки односи во љубов. И речиси во секоја епоха, во сѐ понови и понови услови во срцето на христијаните, макар некогаш и сосема малуброни, постојано ќе се возродува стремежот да се вооплоти тој идеал на првохристијанството, да се стори Црквата вистинска основа за „новиот живот“. Раната Црква често ја изобразувале како рамнодушна кон светот, како организам кој постојано пребива во напрегнато очекување на крајот. Но, веќе во самиот тој идеал на љубов и на нов живот, воплотен во црковното општество се содржи и новиот однос кон светот, затоа што за христијаните таа љубов не е внатрешно дело на Црквата, туку суштина на нејзиното сведоштво во светот. „По тоа ќе ве узнаат дека сте мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“. И во Новиот Завет, ако го читаме внимателно, се открива интегрално учење за светот и за тоа како треба христијаните да се однесуваат кон него и да живеат во него. Беседата на Гората, заповедите на блаженствата, тој образ на милувачкиот и помагачки Христос, од Црквата ќе му бидат возвестени на светот и ќе останат негов идеал дури и тогаш кога луѓето ќе ја отфрлат Црквата. А нема ли христијаните во посланијата на апостол Павле постојано да ги наоѓаат првичните норми на своите односи кон државата, семејството, трудот, кон сите страни на човековиот живот? Се чини дека нема ниту еден аспект од животот до кој тој не се допрел во своето пламнато служење на браќата. Очекувањето на крајот, молитвата за пришествието на Христа – сето она што денес го нарекуваме „есхатологизам“ и кон кого се сведува сознанието на раната Црква, всушност не може, без насилство над историската вистина, да се оддели од тој позитивен идеал. Идното Царство за кое се молат христијаните за нив е неоделиво од судот, судот кој се однесува на мерата на воплотувањето од нивна страна на својата вера во животот, во светот: „доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Мт. 225, 40). Преку Христа Божјото Царство влезе во човековиот живот, за да го обнови. И ако во светлината на тоа Царство „проаѓа сликата на овој свет“, тогаш неизбежноста на крајот – го прави служењето на христијаните дотолку повеќе одговорно, а сѐ што е во светот прави да биде цел на тоа служење. Благата вест во нив е свртена кон „сите твари“ (Мк. 16, 15).
Ете ја сликата на Црквата која ни е оставена од нејзините најрани паметници. Дали тоа значи дека во неа немало ниту недостатоци, ниту слабости? Секако дека не. Впрочем, за многу од нив ни напоменува авторот на Дела апостолски. Во посланијата на Павле, пак, цели глави се посветени на обличување и бичување на гревовите на христијаните. Но, пишувајќи ја историјата на Црквата, во која премногу често тие гревови и слабости ќе бидат така болно очевидни, неопходно е да ја запомнеме и „иконата на Црквата“, тој прв опит на животот во неа, опитот во кого христијаните секогаш ќе го бараат исцелувањето на своите болести, преодолувањето на своите гревови. И токму кон таа историја нѐ водат следните поглавја на книгата Дела апостолски.
Share