Недела, 30 Април 2017

Почетокот на Црквата III дел


1112.jpg
Протопрезвитер Александар Шмеман
Почетокот на Црквата
III дел


Првоначалната христијанска општина често ја спротивпоставувале на подоцнежната „организирана“ Црква - Црквата на ерархија и на авторитет -, како некакво  растопено, екстатично братство, кое живее во вдахновение и екстаза, немајќи никаков друг авторитет освен „дишењето на Духот“. Религија на Духот и религија на Авторитетот – под таа лажна дилема, создадена од идеалистичката историософија на деветнаесетиот век сакале да ја адаптираат и историјата на раната Црква. Всушност, во самиот поим „Црква“ (факт кој денес го признаваат и најлибералните историчари) веќе била вклучена идејата за организирано општество, па нема ништо почудно за ранохристијанското сознание, отколку било какво спротивставување на духот и организацијата – форма или слобода. Напротив, смислата на Црквата во новозаветните списи се состои токму во тоа што Духот Божји го исполнува човечкото општество, правејќи го носител на Божествениот живот, така што целото човештво во него станува духовен организам. Кога апостол Павле ја нарекол Црквата Тело Христово, тој само го формулирал почетниот христијански опит во кого Црквата се доживува како единство на мнозина кои се соединети во нов – како што ќе кажат подоцна – „благодатен“ живот: „оти сите ние се крстевме во еден Дух и во едно тело“ (1 Кор. 12, 13). Токму таа идеја на организам ја претполага почетната хиерархичност на неговото устројство, соодносителноста во неа на деловите и нивните служби -   „кога сите би биле еден дел, тогаш каде би било телото?“ И, навистина, во првите описи на Црквата во неа гледаме, пред сѐ, определено возглавение кое е облечено во власт и авторитет. Тоа се дванаесетте – онаа почетна група на ученици која ја избрал Самиот Господ. „Не ме избравте вие Мене, туку јас ве избрав вас“: во тоа нивно избрание не од луѓето, туку од Спасителот лежи основата на нивниот единствен, со ништо не споредлив авторитет. Преку нив во Црквата се осуштествува власта на Самиот Господ. Тие се сведоци на Неговиот земен живот, на Неговите чудеса, смрт и воскресение, и кога проповедаат за Него го возвестуваат она што самите го слушале, го виделе, го осознале. Нивното сведоштво во Педесетница е исполнено во Светиот Дух – преку дарот на неговото вистинско истолкување и осуштествување во светот. Нив им е дадена власт да сврзат и да разврзат, власт да учат – во Светиот Дух, тие „се упатени на секоја вистина“, имаат власт да ја соѕидаат Црквата, да бидат нејзини „домостроители“. Затоа, да се стапи во Црквата значи да се поверува во нивното сведоштво, да се прими нивното учење: самата општина „постојано да пребива во учењето на апостолите“ (Дела 3, 42). Тоа значење на дванаесетте, како фундамент и средоточие на Црквата, е така беспорно, така очевидно за првата општина, што уште пред Педесетница нејзино прво дело ќе биде исполнување на бројот на дванаесетмината апостоли, односно пронаоѓање на замена на Јуда, кој стана оној кој го предаде Христа. Тој, новиот дванаесетти треба да биде „еден од луѓето, што беа со нас за сето време, откако Господ Исус дојде кај нас и си отиде од нас, почнувајќи од Јовановото крштавање до денот кога се вознесе од нас, еден од нив треба да биде заедно со нас сведок на Неговото воскресение“ (Дела 1, 21). Изборот не го прават апостолите, ами се остварува од Самиот Господ „Господи, Ти Кој ги познаваш срцата на сите, покажи ни кого го имаш избрано од овие двајца, да земе дел во оваа служба и апостолство, од кое отпадна Јуда, за да појде на своето место! И фрлија ждрепка за нив, а жрепката падна за Матиј па него го вброија во единаесетте апостоли“ (Дела 1, 24-26). Среде апостолите авторот на Дела го изделува Петар како изразител на нивната согласност, како прв во апостолскиот сојуз. Тој ѝ предлага на Црквата да го исполни бројот на апостолите, тој во првата проповед ѝ објаснува на збунетата толпа симислата на Педесетница, им одговара на јудејските управители на нивните обвинувања, произнесува суд над Ананиј и Сапфира, кои со своите лукавства го нарушиле единството на црковниот живот. Местото на Петар во раната општина и меѓу апостолите подоцна ќе стане предмет на спорови, и во конечниот резултат тој спор ќе го оддели христијанскиот Запад од источното Православние. Што се однесува до Дела апостолски, во нив Петар секогаш настапува од името на апостолите, го изразува нивното општо-согласно сведштво. Во источната традиција тој секогаш ќе остане „првоврховен“ апостол но тоа негово првенство нема да се разбира во смисла на особена власт над апостолите и Црквата, тук како дар да се биде изразител и гласител на апостолското единогласие, да се биде „уста“ на дванаесетте апостоли и на Црквата. Апостолите ја возглавуваат Црквата и управуваат со неа. Но, нивното прво, основно служење е „служењето на Словото“, проповедта за Христа. Затоа, кога бројот на учениците ќе се намножи и ќе нарастат грижи во управувањето на општината, апостолите предлагаат за тоа да се изберат особени луѓе, за дванаесетте да можат постојано да пребиваат „во молитва и во служење на словото“ (Дела 6, 2-4). „И тој предлог му се допадна на народот“ (Дела 6, 5) и избрале седум луѓе и „ги поставија пред Апостолите и, помолувајќи се, ги положиле нивните раце врз нив“. Во изборот на седумте – црковното предание ги нарекува ѓакони, од Лука ни е даден основниот принцип на црковната ерархија и на нејзиниот иден развој. Ако апостолите, се избрани од Самиот Христос, тогаш новите служители се избираат од Црквата, но по иницијатива на апостолите и со нивна санкција: после изборот се извршува нивно особено поставување преку положување на рацете од страна на апостолите. Апостолите ги определуваат и условите за избор; при што неопходно е избраните да бидат „со добар углед, полни со Светиот Дух и мудрост“ . Така, целото служење во Црквата, целото нејзино ерархиско устројство е вкоренето во апостолството, како во свое начало, а за Црквата тоа значи дека е вкоренето во Самиот Христос, затоа што апостолите се Негови сведочи, носители на Неговиот Дух. Црквата ги избира своите служители, но Самиот Бог – со рацете на апостолите – ги поставува, односно им дава особен дар на Духот за исполнување на своето Служење. Мисијата на апостолите не се ограничува само на ерусалимската општина, затоа што во нив проповедите и учењата се основа на секоја општина, фундамент на Црквата во секое место. Многу набргу христијанството ќе излезе од пределите на Ерусалим и ќе ги увидиме апостолите како регуларно ги изминуваат сите новосоздадени општини со цел да ги утврдат. Тоа последното се состои, пред сѐ, во слегување на Светиот Дух – во идното таинствено миропомазание, во кое крстените се воведуваат во единство на црковниот живот. Така, кога христијанската проповед, започнува да дава плодови во Самарија, апостолите таму ги испраќаат Петар и Јован „кои слегоа и се помолија за нив, за да Го примат Светиот Дух, зашто уште ни на еден од нив не беше слегол, а само беа крстени во името на Господ Исус. Тогаш ги положија рацете на нив и тие Го примија Светиот Дух“ (Дела 8, 15-17). Но ако служењето на апостолите е поврзано со сите Цркви, ги соединува сите нив во единство на вера и Дух, тогаш во лицето на својата месна, постојана ерархија, секоја Црква прима полнота на апостолските дарови и учења. Многу рано во самата ерусалимска општина, образ и основа на сите други Цркви, заедно со апостолите го гледаме авторитетот и власта на Јаков и на презвитерите, чие служење е целосно поврзано со таа општина, е призвано да ја сохранува Црквата и да ја изѕидува во апостолското учење. Апостолите ќе заминат, месната ерархија ќе остане во секое место за да го продолжи нивното дело, да го чува нивното сведоштво, да ги предава нивните дарови и во согласност со сите други општини да го осуштествени единството на Црквата како „Божји народ“ собран насекаде за возвештение на новиот живот. Така, од самиот почеток – во Дела Апостолски – ни е даден пример и определение на она што подоцна ќе биде наречено „апостолско преемество“.
Share