Четврток, 17 Август 2017

Поимот на догмата и суштината на Православното предание


Протопрезвитер Јован Романидис

За поимот на догмата

Отците на Црквата нагласуваат дека за спасението не е доволна догмата сама по себе. Догмата не е таа која го спасува човекот. Догмата само му го отвара патот на човекот, за да стигне до очистување и просветлување. Меѓутоа, без православната догма никој не може да стигне до очистување и просветлување. Без правилна догматска свест, без православната пракса и без православниот литургиски живот никој не може да стигне до очистување и просветлување. Догмата и литургискиот живот не се средства за да стигне некој до очистување на душата и до просветлување. Меѓутоа, тие се неопходни претпоставки, неопходни темели, за да достигне човек до очистување и просветлување. Значи догмата не е автоматско средство кое само по себе може да нè доведе до овие состојби.

 

За падот на Адам

Отците велат дека при падот на човекот се помрачил неговиот ум. Се помрачил Адамовиот ум. Отците не се занимаваат со Адам како со Адам, туку со умот на Адам, затоа што Адам напрви грев поради тоа што се помрачи неговиот ум. Тие зборуваат за безумен ум. Секаде во светоотечката книжевност прашањето за падот се состои во помрачувањето на умот на човекот.

Но како ние знаеме дека човекот паднал? Дали само од историскиот опис на падот што го наведува Светото Писмо? Што значи пад, што значи Рај? Постојат две светоотечки преданија во врска со Рајот, кои ги резимира светиот Јован Дамаскин, без самиот да зазема став по тоа прашање.

Едното предание вели дека во Рајот умот на човекот бил просветлен, а другото предание вели дека умот на Адам во Рајот бил во Боговидение. Неговиот рај бил тоа што тој ја гледал славата Божја. Александриското предание како и Кападокиското (св. Василиј Велики) велат дека умот на Адам пред падот бил во Боговидение. Антиохиското предание (св. Јован Златоуст) вели дека неговиот ум бил само просветлен.

Отците од својот опит знаат во што се состои просветлувањето на умот и усвоено е дека во рамките на Преданието просветлување на човекот е вселувањето на Светиот Дух во срцето на човекот, при што човекот станува храм на Светиот Дух. Тогаш самиот Свет Божји Дух дејствува во умот на човекот и го просветлува. Таков бил умот на Адам, според Антиохиското предание.

Зошто светиот Јован Дамаскин не зазема никаков став во однос на овие две преданија? Затоа што она што го интересирало овој Отец на Црквата било да ги изложи двете објаснувања за тоа каков бил умот и дека се помрачил. Но ние од каде знаеме дека умот на Адам се помрачил? Едноствно, затоа што знаеме дека ние самите сега имаме помрачен ум. Тој помрачен ум бара исцелување. Терапијата се состои во просветлувањето и обожувањето. Значи, има две фази, а обожувањето е комплетното исцелување.

Но што значи помрачен ум? Тоа значи дека умствената енергија на човековото срце не дејствува правилно. Умствената енергија почнува да дејствува правилно само кога човекот ќе мине низ очистувањето и ќе достигне до просветлувањето. После падот умот е помрачен. Зошто? Затоа што е полн со помисли и се има помрачено од тие помисли. Кога се случува умот на човекот да се помрачи од помислите? Се случува кога помислите на разумот ќе слезат во срцето и стануваат помисли на умот. Со други зборови, помрачувањето настанува кога ќе се случи конфузија помеѓу разумот и умот. Постојат помисли во умот кои не треба да бидат таму, бидејќи му припаѓаат на разумот. Умот треба да е комплетно празен од помисли, за да може во човекот да дојде Светиот Дух, да се всели и да остане во него.

 

Која е суштината на нашето Православно предание

 

Сега прашањето е која е суштината на Православното предание. Православното предание нуди метод за исцеление на умот на човекот, односно исцеление на неговата душа. Оваа терапија, како што рековме, има две фази, просветлување и обожување. Обожувањето, односно Боговидението, е гаранција за комплетното исцелување. Овој терапевтски метод се предава (од таму и терминот предание) од генерација на генерација преку луѓе кои достигнале до просветлување и обожување и станале исцелители на другите. Значи не се работи за обично пренесување знаења од книги, туку пренесување и наследување на опитот на просветлувањето и опитот на обожувањето.

Во Стариот Завет состојби на просветлување и обожување имале само патријарсите и пророците на Израилците. Пред пророците ги имаме патријарсите, а пред Мојсеј го имаме Авраам. Но во Стариот Завет читаме дека до Авраам постои свест за состојбата на просветлување и обожување. Самиот Авраам бил Боговидец, односно достигнал до обожување. За периодот пред Авраам имаме податоци од еврејското предание дека просветление и обожување постоеле и кај праотците на Авраам, како на пример кај Ное. Ова предание на просветлување и обожување се пренесува. Не се појавува од никаде. Не се појавува одненадеж во 11. или 12. век пред Христа.

Има Нов Завет, а има и Стар Завет. Во Новиот Завет е полесна контролата, бидејќи е ограничено времето на неговото траење. Меѓутоа, Стариот Завет опфаќа околу 1500 години историја. Во тој период имаме еден 'рбетен столб. Тој 'рбетен столб, односно преданието на просветлувањето и на обожувањето кое се пренесувало од пророк на пророк, ја претставува и суштината на Православното предание. Пренесувањето на тој опит во Стариот Завет се протега хронолошки од Авраам до Јован Претеча. Тоа е преданието на патријарсите и на пророците.

Но и пред овој период го имаме првиот период, кој се протега од Адам, преку Ное, до Авраам. Денес археолошки е констатирана вистинитоста на наведените настани во Стариот Завет барем до времето на Мојсеј. Не постои никој кој денес би го оспорувал Стариот Завет како текст од голема историска вредност. Но и пред Мојсеј па сè до периодот на Авраам археолозите имаат пронајдено податоци кои ја докажуваат вистинитоста на она што во Стариот Завет се наведува поврзано со личноста на Авраам.

Значи гледаме дека суштината на Православното предание не е книгата на Светото Писмо, туку пренесувањето на овој опит на просветлување и обожување од Адам па сè до наши дни.

 

Share