Четврток, 17 Август 2017

ИЗВАДОК ОД КНИГАТА „СОВЕТОДАВЕН ПРИРАЧНИК ЗА ПРАВОСЛАВНИОТ БОГОСЛУЖБЕН ЖИВОТ“ од Протопрезвитер Георгиос Калпузос

Темјан

Темјанот ја симболизира нашата молитва, која се издига како чад кон Божјиот престол. „Да се упати нашата молитва како темјан пред Тебе“ (Псалм 140). Значи, како што темјанот кога ќе се загрее се издига нагоре и наоколу шири благопријатен мирис, така и душите, кои се молат  со топла и загреана вера, не треба да се врзуваат за земјата и за материјалното, туку треба да полетуваат нагоре, облеани со благопријатен мирис, и ослободени од материјалните грижи.

 

Иконостас

 

Секој храм има по еден иконостас. Тој претставува дрвена или мермерна преграда, којашто го одделува олтарот од останатиот дел на храмот. На иконостасот се распоредени иконите на Христос, Богородица, свети Јован Крстител и светителот кому е посветен храмот.

Почитувањето на светите икони е догма на Црквата, објавена во 787 година на Седмиот вселенски собор. Ние не му се поклонуваме на дрвото, туку ја почитуваме изобразената личност, а честа се пренесува на прототипот.

Некои икони имаат чудотворен карактер, зашто зографите биле свети луѓе и ги насликале со вдлабочување во животот на светителот, со молитва, молчание и воздржание. Така, со силата на Светиот Дух иконата се напоена од Божјата благодат. Иконата се смета како книга за неписмените, и таа нè води кон познание на Бога и на светителите, и претставува извор на благослов.

И секој христијански дом треба да има иконостас. Наједноставно е да имаме икони закачени на ѕид, а под иконата или иконите да има мала масичка, врз која имаме ставено кандило, кадилница и молитвеник. Добро би било, доколку за тоа постои можност, да имаме една мала собичка, па таму да го распоредиме иконостасот, кадешто во мир ќе се молиме.

 

Олтар

 

Најсвештениот дел од христијанскиот храм е олтарот, кој уште се нарекува:  жртвеник и светиња на светите, и таму се извршува Тајната над тајните – Божествената Евхаристија.

Во олтарот можат да влегуваат само епископите, свештениците, ѓаконите и ипоѓаконите (15 правило на Никон Константинополски). Согласно 69 правило на Шестиот вселенски собор, во олтарот не е дозволено да влегуваат ни мажи лаици, ни жени. Дури и помазаните императори го почитувале ова правило, и не влегувале кога било во олтарот.

Од причина да му помогнат на свештеникот, дозволено им е на децата да влегуваат, а исто така и произведените од епископот чтеци, потоа монахињи и жени, кои за тоа добиле посебен благослов од епископот. Сите останати треба да го почитуваат свештеното место и не треба да влегуваат. За жал, денес во олтар влегуваат луѓе кои не се поврзани со горенаведеното, без почит и благочестивост, а за тоа сме одговорни ние свештениците.

 

Свеќа

 

Чистата и мека свеќа ја симболизира нашата душа. Како што свеќата бесшумно се топи и осветлува, така и ние, со помош на Божјата благодат, треба да се „топиме“ до последниот здив, жртвувајќи се за нашиот ближен. Треба да ги осветлуваме луѓето околу нас, и да им правиме добри дела, бесшумно и без истакнување, туку само заради Христовата љубов.

Преку свеќите на погребите и на помените, ние ја исповедаме нашата вера во воскресението на мртвите. Со чистата свеќа што ја држиме на Велигден, ние го исповедаме нашето воскресение преку Христос. Преку запалената свеќа при Светата тајна Крштение, ние го исповедаме духовното воскресение на оној што се крштева. Со запалените свеќи при Светата тајна Венчание, ние исповедаме дека, со помош на Божјата благодат, ќе им бидеме светол пример на нашите деца и нема да ја предадеме чесноста на бракот.

 

 

 

Share